Требаше да влезе 39-годишниот Џеко за БиХ да ја победат најслабата репрезентација во светот (ВИДЕО)

Фудбалската селекција на Босна и Херцеговина остана со максимален ефект во квалификациите за Светското првенство во 2026 година, но тешко дека некој попладнево беше задоволен од прикажаното на стадионот Билино Поље во Зеница.

Босанците славеа со 1-0 против Сан Марино, а отпорот на противникот го скршија дури на средината од второто полувреме. Планирано беше ветеранот Един Џеко да одмори, но селекторот Сергеј Барбарез мораше да го внесе во игра во 62. минута со цел да се спречи сензација бидејќи во тој момент резултатот беше 0-0. Само пет минути по своето влегување, 39-годишниот напаѓач ја затресе мрежата на Сан Марино и со неговиот гол БиХ дојде до триумфот.

Сан Марино е најслаба светска репрезентација, се наоѓа на последното, 210. место на ФИФА листата и најчесто им служи на противниците за поправање на гол-разликата. БиХ е првопласирана во групата Х со максимални девет бода откако по триумфите против Кипар и Романија, денеска го совлада и аутсајдерот.