Шкендија по триумф против секогаш незгодните Ерменци, А.Пандев сонува за – чудо!

Два од трите македонски европретставници во Конференциската лига, вицепрвакот Академија Пандев и третопласираната од изминатата сезона Шкендија, вечерва тргнуваат во своите евроавантури со воведните мечеви во првото квалификациско коло во кое струмичани ќе се борат за чудо, а тетовци за подолго лето после очајните изданија во две од последните три сезони на меѓународната сцена.

Академија Пандев од 20.15 часот гостува во Гдањск кај полска Лехија, која е апсолутен фаворит и за струмичкиот тим ова е втор излез во Европа, после дебито пред три години со експресна елиминација со вкупни 0-6 (двапати по 0-3) во двомечот со мостарски Зрињски во Лига Европа.

„Ние сме мал клуб, ова е само второ наше појавување во Европа, но овие мечеви се шанса за наша промоција, но и промоција на македонскиот фудбал. Легија е извонреден тим, имаат многу добри играчи, но во фудбалот сѐ е можно. Ќе дадеме сѐ од себе, зашто имаме многу играчи до 21 година и за нив ова е одлична шанса да се покажат“, вели Ѓорѓи Стојчев, тренерот на пандевци.

Струмичани ќе се обидат да изненадат, најмалку да го остават двомечот отворен да се решава на реваншот во Скопје, па потоа да бркаат комплетна сензација, иако Лехија е апсолутен фаворит и сѐ освен лесни триумфи би било големо изненадување.

Бившиот првак Шкендија од 20 часот на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје го пречекува ермански Арарат, исто така екс-првак на својата земја во пресметка на која тетовци влегуваат како фаворити, но тоа ќе мора да го покажат на терен зашто против себе немаат нималку лесен противник.

За разлика од периодот од 2016 до 2018 година, кога Шкендија редовно играше плејоф во Европа, во последните три години тетовци се далеку од такви достигнувања, двапати се избламираа со експресни елиминации за неполн месец, па сега желбите се повторно да се дојде до самата завршница од евроквалификациите.

„Фаворити сме на хартија, но тоа мора да се покаже на терен, а сакаме да покажеме и повеќе. Влегуваме во мечот без потценувања и без преценувања, противникот е анализиран, но сѐ зависи од нас, најважно е како ние ќе одиграме на теренот, а ќе барам да бидеме доминантни“, вели легендарниот Артим Шаќири, тренерот на тетовци.

Колкав капацитет има Шкендија после новата реконструкција на тимот за да одговори на големите амбиции ќе покаже денешниот меч, но ерменските клубови често биле многу незгодни за македонските екипи, а само Ренова во последните пет години успеа да мине еден, Алашкерт во корона-сезоната со гостинскиот триумф со 1-0.

Вардар во 2018 година беше елиминиран од Пјуник (0-1, 0-2), Македонија ЃП од Алашкерт во 2019 (0-3, 1-3), а Шкупи од Пјуник во истата година (1-2, 3-3).

Третиот македонски претставник летово во Конференциската лига, Македонија ЃП својот настап ќе го има за две недели во второто коло од овој циклус против бугарска ЦСКА Софија.