Пеп: Пишано беше да ја освоиме ЛШ и да направиме нешто уникатно!

Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола кој испиша историја како прв тренер кој успеал двапати да освои „триплета“ после синоќешната прва европска титула за Манчестер сити, посочи по победата со 1-0 против Интер дека било пишано во второто финале на „граѓаните“ да се искачат на европскиот трон.

Гвардиола во 2009 година со Барселона кога ја освои првата своја европска титула дојде до триплета, а сега тоа му се оствари и со Сити после доминацијата во англискиот фудбал со двојната домашна круна, па „граѓаните“ станаа само втор англиски тим во историјата со ваков потфат после Манчестер јунајтед во 1999 година.

За Гвардиола ова беше 35-ти трофеј во кариерата од само 15 години, а најтрофејниот сер Алекс Фергусон сега му бега десет трофеи за 39-годишен стаж како тренер.

„Прво сакам да му честитам на Интер за тоа како го одиграа ова финале и знам како се чувствуваат. Така јас се чувствував пред две години. Но, тие се вицепрваци и тоа е извонредно, треба да бидат горди. Мислам дека беше пишано сезонава да ја освоиме ЛШ и да направиме нешто уникатно – триплета. Среќен сум, но во исто време, морам да бидам критичен – Интер можеше да ни даде голови и да загубиме. Презадоволни сме сите“, рече Гвардиола.