Модриќ: Останувам за Лига на нации, за понатаму – ќе видиме!

Најдобриот хрватски фудбалер на сите времиња Лука Модриќ објави дека за Хрватска ќе игра најмалку до јуни за кога е закажан фанјфорот во Лигата на нации и шансата „коцкестите“ првпат да освојат репрезентативен трофеј, а за понатаму најави – ќе видиме!

Сите во Хрватска посакуваат Модриќ, кој има 37 години да продолжи да игра за репрезентацијата, барем до Еуро 2024 како негов последен турнир, зашто скоро нереално е да се очекува дека ќе биде дел од репрезентацијата и на следното СП за четири години во САД, Канада и Мексико, кога ќе има 41 година.

„Нашата фудбалска иднина е светла. Некои од фудбалерите првпат освоија медал, а мене за тоа ми требаа 12 години. И тие млади момци ова треба да го ценат. Јас ќе продолжам да играм за Хрватска во Лига на нации, а после тоа – ќе видиме“, рече Модриќ.

Хрватската алфа и омега на теренот го освои вториот медал, после среброто во Русија и со овој медал покажаа „коцкестите“ дека не се чудо, туку фудбалски џин.

„Направивме нешто што навистина е страшно за хрватскиот фудбал. Сакавме злато, бевме близу, но мора да бидеме горди на играта. Си заминуваме како победници. Сега одиме да прославиме. Успесите со репрезентацијата за мене се посебни и ме прават многу среќен. Како тим пораснавме многу и веќе Хрватска не е чудо кое се случува еднаш на 20 години. Не сме ние веќе „мина“ на која гледаа на нас, туку сме фудбалска сила. Последниве години младите фудбалери покажаа квалитет и донесона нова енергија“, рече Модриќ.

Хрватска на фајнлфорот во Холандија ќе се бори за трофеј против „лалињата“, европскиот првак Италија и екс-европскиот првак Шпанија, четирите селекции кои беа првопласирани во групната фаза. Ждрепката за полуфиналињата е идниот месец.