Манчестер сити не запира: Го договори и најголемиот норвешки талент по Халанд!

Преодниот рок само што започна, а Манчестер сити е на чекор од петтото летно засилување, станува збор за Свере Нипан, 17-годишен Норвежанец кој е член на Розенборг.

Од почетокот на преодниот рок „граѓаните“ ги обезбедија: Тијани Рајндерс, Рајан Аит Нури, Рајан Шерки и Маркус Бетинели, а сега според последните информации и Нипан е пред потпис.

Информацијата ја објави британскиот новинар Дејвид Орнстин, кој наведува дека англискиот шампион постигнал целосен договор и со фудбалерот и со Розенборг.

Нипан важи за најголемиот норвешки талент по Ерлинг Холанд, а во сениорскиот фудбал за Розенборг дебитираше на само 15 години. Иако неговата примарна позиција е централен играч за врска, може да се користи и офанзивно зад напаѓачите, дури и како лажна деветка.

Иако Орнстин не го откри точниот износ на трансферот, нагласува дека се работи за сума над 20 милиони евра, што го прави овој трансфер најскап во историјата на норвешкиот фудбал.

Се очекува Нипан да остане на позајмица во својот клуб до крајот на 2025 година, па потоа да пристигне во Манчестер.