Хрватска има со што да се гордее – го одигра највозбудливото финале по 1966 година

Хрватска не успеа да го направи последниот чекор кон светскиот трон, иако фудбалски тотално ја надигра Франција во денешното мундијалско финале на 21-то Светско првенство во Русија, но загуби со 2-4. Финалето ќе се памети како највозбудливо и најефикасно по половина век пауза.

Уште од 1966 година наваму, ниту едно финале не понудило шест гола, иако во победата на Англија против Германија на домашен терен, требаше да се одиграат и продолженија за да се дознае светскиот првак. Сега, по години со неатрактивен фудбал, Хрватска и Франција одиграа меч за паметење со шет гола.

Особено ова финале, во модерната ера на фудбалот, каде тактиката секогаш е пред убавината, доаѓа откако трите претходно се решаваа на пенали или во продолженија, со најмногу два гола.

Меѓу финалињата со повеќе голови, во кои влегува и ова денешното на 21-то СП, е Уругвајската победа во 1930 против Аргентина (4-2), потоа Италијанската победа над Чехословачка во 1938 со ист резултат, па таа на Западна Германија против Унгарија во епското финале во Берн (3-2), па блесокот на Пеле против домаќинот Шведска (5-2) во 1958, англиската радост со 4-2 по продолженија во 1966, новата бразилска победа со 4-1 во 1970, како и аргентинската радост со Диего Марадона на СП 1986 против Германија со 3-2.