„Знаевме какви квалитети има Казахстан, но го неутрализиравме и освоивме три бода“

Македонија триумфира на незгодното гостување кај Казахстан во Астана (1-0), а херој беше Александар Трајковски со прекрасен гол во 33. минута од натпреварот.

Роберт Стојановски, помошникот на селекторот Благоја Милевски, на прес-конференцијата кажа дека го оствариле зацртаниот план и ги освоиле посакуваните бодови.

„Одигравме две различни полувремиња во Астана. Бевме свесни за состојбата во која се наоѓаа нашите фудбалери по мечот против Белгија. Второто полувреме го одигравме затворено, како што се договоривме. Немавме друга опција во одредени моменти, мораше да го направиме тоа. Македонија секогаш оди на победа. Ги знаевме квалитетите на ривалот и успеавме да го неутрализираме“, кажа Стојановски.

Македонија е на првото место во групата Ј и има осум бодови од четири одиграни меча, по што следи Велс со седум поени, Казахстан има три, Белгија еден и Лихтенштајн е без поени.