Трајковски: Не е важно кој ќе даде гол, најважно е да победи Македонија!

Македонскиот напаѓач Александар Трајковски беше херојот на нашата репрезентација во победата од 1-0 против Казахстан во Астана, откако во првото полувреме ја затресе мрежата на противничкиот голман.

Трајковски го постигна единствениот гол на натпреварот во 33. минута со одличен волеј, а по натпреварот кажа дека не е важно кој ќе се запише во листата на стрелци, туку најважно е да се освојат трите бодови.

„Знаевме дека ќе биде тешко против Казахстан, но најважно е тоа што одигравме според планот и ги освоивме бодовите. Одиме чекор по чекор, се надевам дека ќе ја оствариме целта. Важно во овие натпревари е секој да го даде максимумот. Треба да работиме и играме како екипа, ги користиме нашите шанси и се надевам дека ќе биде така до крајот“, кажа Трајковски.

Македонија се наоѓа во извонредна форма, односно не знае за пораз веќе цела година и за тој период запиша седум победи и три ремија.