„Петарда“ на Хрватска, Халанд ја носи Норвешка кон Светското првенство (ВИДЕО)

По седумте гола против Гибралтар во петокот, хрватската репрезентација и вечерва покажа завидна ефикасност, совладувајќи ја Чешка со 5-1 во својот втор квалификациски натпревар за Светското првенство.

Два од петте гола беа постигнати од пенали, но тоа не го намалува фантастичниот впечаток што го оставија „коцкестите“. Крамариќ го отвори резултатот во 42. минута, Соучек израмни во 58., а потоа почна рапсодијата на домашната селекција. Во периодот од 62. до 75. минута Хрватите постигнаа четири гола, прво Модриќ од пенал, потоа Перишиќ, па Будимир од пенал и на крајот Крамариќ на асистенција на Модриќ.

Чешка би требало да биде директен ривал на Хрватска за првото место на табелата што носи директен пласман на Мундијалот, но „коцкестите“ месецов ги почнаа квалификациите и сега имаат шест бода по два одиграни меча.

 

 

Со максимален ефект е и репрезентацијата на Норвешка, но од четири натпревари, откако вечерва славеше на гостувањето во Естонија со 1-0. Голот за триумф го постигна Ерлинг Халанд кој веќе стигна до четири погодоци во квалификациите. Норвешка досега има три настапи на светските првенства, но ниеден во 21. век имајќи предвид дека последниот датира од 1998 година.

РЕЗУЛТАТИ
Казахстан - Македонија 0-1
Белгија - Велс 4-3
Естонија - Норвешка 0-1
Фарски Острови - Гибралтар 2-1
Хрватска - Чешка 5-1
Италија - Молдавија 2-0