
Де Брујне ѝ донесе победа на Белгија, а Македонија ја остави на првото место до септември (ВИДЕО)
Откако денеска сама си ја заврши работата на гостувањето во Казахстан, Македонија доби услуга од Белгија која во исклучително драматичен натпревар го победи Велс со 4-3. Голот за победа беше дело на Кевин де Брујне во 88. минута.
Претходно, Белгијците водеа со 3-0, благодарение на три гола постигнати во период од 12 минути во првото полувреме. Отвори Лукаку од пенал во 15., четири минути зголеми Тилеманс, а третиот гол беше дело на Доку во 27. минута. Велшаните изгледаа тотално разбиени, но се се смени по пеналот кој го добија во седмата минута од судиското продолжение во првото полувреме.
Вилсон го искористи ударот од белата точка, а во вториот дел Велс излезе на теренот со јасна намера да го сврти резултатот во своја корист. По само шест минути игра Томас намали на 2-3, а во 70. минута Џонсон израмни и го однесе мечот во неизвесен финиш. Во 81. минута Лукаку повторно ја затресе противничката мрежа, но неговиот гол беше поништен затоа што претходно во акцијата топката го напуштила теренот. Сепак, во 88. минута, Де Брујне успеа да погоди од непосредна близина и да ѝ донесе победа на белгиската репрезентација.
Македонија со тоа остана на првото место со осум бода, еден повеќе од Велс кој е на второто место. Трета е Белгија со четири бода, но од само два меча, па во есенските квалификации се очекува да биде многу интересно во борбата за првите две места.
фото: EPA Photo