Еден од најугледните и најстари фудбалски магазини „Ворлд Сокер“ во своето специјално издание за Европското првенство летово на четири страници, буквално во секој детал ја претстави Македонија која ќе дебитира на континенталниот шампионат.

Англискиот фудбалски магазин комплетно ја претстави Македонија, со детал за секој играч, со комплетна разработка на формацијата што ја игра селекторот Игор Ангеловски, негово интервју, став на македонската легенда и најдобар фудбалер на 20-от век Дарко Панчев за историскиот успех...

„Опасни аутсајдери“ и „Тим што нема што да загуби“! Вака „Ворлд Сокер“ ја претстави Македонија и им ја приближи на сите фудбалски вљубеници и читатели на еден од најпознатите фудбалски магазини за дебито на црвено-жолтите, кои во март годинава го дополнија историскиот успех со епската победа против Германија и станаа само трета селекција во историјата која успеала да го победи „елфот“ во меч од квалификации за пласман на Мундијалот после Португалија во 1985 и Англија во 2001 година.

„Македонија без сомнение е една од најголемите аутсајдери на континенталниот шампионат и од трите противници во групата, единствен добар резултат е со Украина, една победа, едно реми и два порази. Од Австрија пред две години два порази со 1-4 и 1-2, а двете ремија со Холандија од средина на првата деценија од 21-от век носат убави сеќавања, но малку надеж за последниот меч во групата. Но, Македонија е силно самоуверена после мартовската победа со Германија, што е само доказ дека не смее да биде потценета. Тешко е да се поверува дека чудата, како тоа во Германија, може да се повтори и на летниот еврошампионат. Самиот пласман е голем успех, па нема ни што да се загуби за фудбалери кои во најголем дел ги нема на сцената од Лигата на шампионите“, пишува „Ворлд Сокер“, преку соработникот од Македонија, Милорад Стојмановски, уредник во „Слободен Печат“ и бивш уредник во „Дневник“.

Англискиот магазин направи комплетен скен на пулените на Мрме, кои најмногу играле, која е нивната сила, позиција, кои сѐ биле повикувани...

A, посебно е разработена тактиката во која се посочува дека формацијата 4-2-3-1 најчесто се користи против селекции на исто ниво, но против далеку посилни селекции, ќе биде омилената 3-5-2 со која одигравме реми 1-1 во Италија, а ја победивме и Германија.

„Против Холандија, Австрија и Украина клучни ќе бидат стабилноста на одбраната и енергијата на средниот ред со Аријан Адеми, Бобан Николов, Елиф Елмас и Енис Барди. Пандев е главниот креатор, а неговиот голгетерски капацитет и посебно „убиствените додавања“ многу повеќе доаѓаат до израз во формацијата 4-2-3-1, за разлика од таа 3-5-2 кога стои многу повисоко. Сепак, тимската тактика ќе биде фокусирана на многу брзи додавања, од Енис Барди, агилноста на Езџјан Алиоски и Стефан Ристовски и пред сѐ од луцидноста на олраунд плејмејкерот Елмас“, објаснува англискиот магазин.

Во мини-интервју, селекторот Англеловски посочува дека Македонија го живее сонот и дека на ЕП ќе се обидат секоја шанса да ја зграпчат.

„Нѐ чекаат многу силни противници, но веруваме во себе, а мора да сме на највисоко ниво. Ќе видиме што ќе се случи, Холандија е фаворит, а другите две селекции (Украина и Австрија – н.з.) се топ-класа. Ние ги респектираме, но гледаме и во нашите можности. Зошто да не? Во фудбалот сѐ е можно, а Македонија сака да се претстави на највисоко можно ниво. Ако имаме шанса да освоиме бодови, ќе ги зграпчиме. Пресреќен сум, зашто го живееме сонот“, вели популарниот Мрме.

Па додава дека после овој успех, Македонија има светла иднина и очекува оваа генерација во иднина да игра повторно на некое големо натпреварување.

„Иднината е светла за Македонија, зашто имаме многу талентирани млади фудбалери, а мислам дека во иднина Македонија уште еднаш ќе игра на некое големо натпреварување. Имаме генерација која со У17 и У19 играше во елитната рунда, младинците од У21 играа на Европско првенство. Имаме светла иднина.

За крај и легендарниот Панчев посочува дека овој успех влегува во вечноста и историјата на македонскиот фудбал.

„Ова е голем успех и генерација која ќе се памети во македонскиот фудбал. Заслужено обезбедивме виза на Европско, како победници во Д-групата на Лигата на нации. Грузија немаше шанса во неатрактивниот меч, а Македонија сега треба добро да се подготви, бидејќи Европското првенство е нешто сосема поинаку“, е цитатот на легендарниот Панчев.

Пред една недела, еден од најпопуларните магазини „Фор Фор Ту“ исто така ја анализираше Македонија за Евро 2021, посочувајќи дека „можеби се најслаби, ама на секој може да му го раскрвават носот“, додека шпанска „Марка“ ја нарече Македонија „Пепелашка на Евро“, додавајќи дека „Горан Пандев ги предводи сонародниците кои се наследници на Филип Втори и Александар Македонски“.