Марка: Македонските фудбалери се наследници на Филип Втори и Александар Македонски!

Најугледниот спортски весник во Шпанија, „Марка“ во кратката презентација на Европското првенство летово кое ќе се игра низ Европа, а на кое ќе дебитира Македонија, ги опиша „црвено-жолтите“, како Пепелашка со бунтовен карактер која на своја кожа ја почувствува Германија, посебно потенцирајќи дека македонските фудбалери се наследниците на – Филип Втори и Александар Македонски.

Шпанскиот весник во кратката презентација за Евро 2021 одвои еден дел за Македонија, посебно поради нашето деби на големата сцена, а нормално лидер на генерацијата е капитенот и најискусниот, 37-годишниот Горан Пандев.

„Планот на УЕФА за помалите земји да добијат шанса за настап на Евро, ја донесе Македонија на големата сцена да го искуси тоа. Македонија успеа да го оствари тоа благодарение на форматот и формулата за пласман преку баражите во Лига на нации во 2018 година.

Горан Пандев на 37 години е на кормилото, а наследниците на Филип Втори и Александар Македонски, тргнаа како Пепелашка на Евро, но нивниот бунтовен карактер и предупредување не е мало – успеаа да ја победат Германија во мундијалските квалификации“, пишува „Марка“.

Неодамна еден од најпопуларните магазини „ФорФорТу“ на две страни ја претстави Македонија посочувајќи дека „можеби Македонија е најслаба од пласираните, ама има тимски дух и сила секого да го испрати со раскрвавен нос“, алудирајќи на епската победа против најтрофејната нација Германија, четирикратен светски и трикратен европски првак.