Волаид: Сакам да се радувам на ова, ама не можам – не победивме!
Волаид после неверојатниот меч на кој Естонија на 14 минути пред крајот имаше предност од 3-1, а прокоцка два гола во последните десет минути, истакна дека основна цел му е да ја врати довербата во фудбалската репрезентација.
„Моја главна цел е да ја вратам вербата во овој тим. Има многу Естонци кои не веруваат во нас, кои нема да веруваат ни по овој меч. Но, јас сакам да ги вратам тие навивачи и мислам дека моите играчи ме разбраа кога им кажав дека не смееме да дозволиме да ја загубиме довербата кај навивачите. Разочаран сум од резултатот, ама со вакви игри ќе ги вратиме навивачите. Би сакал сега да се радувам, ама не можам. Ако не освоиме три бода, не можам да се радувам. Среќен сум за многу работи што ги направивме, но не сум среќен што не победивме. Мора уште напорно да работиме за да уживам во победа“, рече Волаид.