Словенија е силна, ама на гостувања се мачи: Пет години не победиле сериозен ривал на гости!

Вечерашниот противник на Македонија, Словенија со три победи во низа и посебно фантастичниот септемвриски настап со два триумфи против Полска (2-0) и Израел (3-2) и даваат улога на благ фаворит против Македонија во евроквалификациската пресметка од која многу работи ќе зависат во трката на двете селекции кон директен пласман на Евро 2020.

Словенците доаѓаат полни со самодоверба, со желба да победат, но иако имаат одличен тим, кој влезе во добра форма во последниот период, сепак имаат еден сериозен проблем пред дуелот со Македонија – гостувањата не им се баш најдобри.

Словенците на последното гостување во јуни годинава беа убедливи со Летонија, победија со 5-0, но Летонците не се ни приближно до сериозен ривал, сооглед на начинот на кој играат и ужасните резултати во последните години, кои ја ставаат оваа балтичка репрезентација во рангот на најголемите фудбалски „пациенти“ во Европа заедно со Сан Марино, Лихтенштајн, Гибралтар...

Таа победа на Словенија во Рига беше прва по три години пауза, откако во ноември 2016 година претходно победија на Малта, кај уште една селекција, која е далеку од просечниот ранг на фудбалски земји на Стариот континент, а плус и таму се измачија и едвај триумфираа со 1-0. Пред тој триумф цела година немаа победа уште од гостувањето кај Сан Марино со 2-0 во 2015 година, а година претходно во 2014 се радуваа кај Литванија, која за нијанса е подобра од „пацинетите“, но исто така и таа далеку од просечноста.

Ако се гледа наназад, Словенија успеала да победи понормална селекција во официјален меч пред шест години, и тоа Исланд со 4-2 во период која „рибарите“ сè уште ја градеа репрезентацијата што подоцна испиша историја со настап на Евро 2016 и СП 2018.

Но, колку и Словенија да има мака на гостувањата и резултатски е многу поуспешна како домаќин во изминативе пет-шест години, сепак нема сомнение дека станува збор за одлична селекција, која во последен период игра исклучително добар фудбал и денеска во Скопје доаѓа (пре)амбициозно за да освои три бода.