„Ова е специјален меч за нас против Македонија за да ја комплетираме одмаздата!“

Грузија нема проблеми како Македонија, па после три победи и едно реми во јуни, сега со 55 илјади навивачи зад себе, ќе се обидат најмалку со реми задутре против нашата селекција да го заверат првото место и со тоа баражот за пласман на Еуро 2024 во претпоследното коло во оваа трета сезона во Лига Ц во Лигата на нации.

Грузијците имаат кошмари од последното соочување во Тбилиси во ноември 2020 година, кога Горан Пандев го даде голот злато вреден во финалниот бараж во кој Македонија победи со 1-0 и обезбеди виза за Еуро 2020, па откако со камата ни вратија во јуни во Скопје со триумфот со 3-0, сега токму против нас посакуваат да стават печат на комплетната одмазда.

„Ние имаме посебна цел и тоа е првото место, но овој меч што нѐ чека сега има голема симболика и е специфичен за нас. Токму против Македонија во Тбилиси да го завериме тоа прво место. Мора да дадеме сѐ за да ја исполниме целта и тоа ни е обврска пред нашите гледачи. Овој меч за нас со Македонија е специјален, знаете и зашто поради тој болен пораз претходно, а сега имаме шанса против нив да играме пред полни трибини, зашто навивачите не можеа тогаш да ни помогнат. Многу се радувам што ќе играме пред полни трибини“, вели Ника Квеквескири пред мечот.

Никој во Грузија не очекува лесна победа, без оглед што Македонија доаѓа десеткувана и дури осум фудбалери од мартовските мундијалски баражи не се достапни за селекторот Благоја Милевски.

„Македонија е добар тим со силни фудбалери, сѐ уште ни се конкуренти во групата и јасно е дека нѐ чека тежок меч. Но, за нас прекрасна е веста дека стадионот е распродаден, тоа е дополнителен мотив и ние ќе се обидеме по секоја цена да победиме зашто сакаме да завршиме како први во групата. Во селекцијата имаме здрава конкуренција, а атмосферата е прекрасна, сите сме пријатели и фантастично е да се работи со сите. Многу фудбалери имаат сериозен напредок и тоа е многу корисно за националниот тим“, вели Гурам Кашија, капитенот на Грузијците.

Мечот задутре се игра од 18 часот на „Динамо Арена“, која за два дена беше распродадена во целиот свој капацитет од безмалку 55.000 гледачи.