Македонската фудбалска репрезентација оствари минимален триумф (1-0) на незгодното гостување кај Казахстан во Астана во четвртото коло од квалификациите за Светското првенство (СП).

Казахстан беше опасен во првото полувреме и успеа да погоди статива, по што домаќините се заканија уште неколку пати кон голот на Столе Димитриевски, меѓутоа мрежата на Македонија остана недопрена.

Македонија успеа да ги казни пропуштените шанси на ривалот во 33. минута кога Александр Трајковски со одличен удар со волеј го матира голманот на Казахстан.

Домаќинот тргна фуриозно и во второто полувреме, па ја „скрши“ рамката од голот на Димитриевски во воведниот дел, по што продолжи притисокот кон голот на Македонија.

Избраниците на Благоја Милевски успешно се бранеа од нападите на Казахстан, а потоа Енис Барди се закани од слободен удар, но голманот на домашниот состав успеа да одбрани. Казахстан во финишот од средбата успеа уште еднаш да ја погоди стативата на Димитриевски.

Македонија со оваа победа го презема првото место во групата Ј и има осум бодови од четири одиграни меча, по што следи Велс со седум поени, Казахстан има три, Белгија еден и Лихтенштајн е без поени.