Алиев: Не заслуживме пораз, но не ги искористивме шансите и - стигна казната!

Македонија ја освои Астана со голот на Александар Трајковски во 33. минута во четвртото коло од квалификациите за Светското првенство (СП), а селекторот на Казахстан, Али Алиев посочи дека неговите избраници не заслужиле пораз.

Казахстан дури три пати ја погоди рамката од голот на Столе Димитриевски, но не го најде патот до мрежата на Македонија.

„Македонија има квалитетни фудбалери, а ние одигравме израмнет натпревар. Моите фудбалери дадоа сè од себе. За жал, среќата не беше на наша страна. Верувам дека со ваков пристап ќе бидеме поконкуренти во иднина. Создадовме многу шанси, меѓутоа не успеавме да постигнеме гол“, кажа Алиев.

Македонија е прва со осум бодови, по што следи Велс со седум, Казахстан има три, Белгија еден, а Лихтенштајн е без поени во групата Ј.