Претстои невидена тренерска вртелешка во Серија А - ќе менуваат скоро сите

Двајца тренери веќе ги напуштија своите клубови, а се очекува во следниот период да го направат уште десетина во најголемата тренерска вртелешка во историјата на Серија А.

Рафаеле Паладино вчера поднесе оставка на функцијата во Фиорентина, претходно истото го направи Паоло Ваноли од Торино, а одамна е позната дека Клаудио Раниери нема да остане на клупата на Рома. Но, освен нив, промени подготвуваат и најславните италијански клубови и прашање е дали некој воопшто ќе остане на своето место во однос на минатата сезона.

Новиот спортски директор на Милан, Игли Таре најави дека Консеисао нема да ги води „росонерите“, Антонио Конте е се подалеку од Наполи, Игор Тудор само чудо може да го остави во Јувентус, а најинтересно ќе биде ако Симоне Инзаги ја прифати понудата од Саудиска Арабија и го напушти Интер, особено ако со „нераѕурите“ в сабота триумфира во финалето од Лигата на шампионите. Најавено е заминување и на тренерот на Лацио, Марко Барони, како и на Џанпјеро Гасперини кој девет години беше тренер на Аталанта.

Како што во моментов стојат работите, единствените што се сигурнни се Цеск Фабрегас и Винченцо Италијано. Првиот прави чуда со Комо и во новата сезона најверојатно ќе влезе дополнително засилен, а вториот го освои Купот на Италија и обезбеди пласман во Лигата Европа.