Алкараз оди во Америка за да го симне Синер од првото место

Сезоната на трева заврши и тенисерите наскоро ќе ги почнат подготовките за американската турнеја која стартува во август, а ќе кулминира со УС Опен.

Тука може да дојде до промена на првото место на АТП листата и покрај тоа што Синер на американскиот континент ќе замине со голема предност од 3.400 бода. Алкараз има шанса конечно да го симне Италијанецот од челната позиција и да се искачи на неа првпат по септември 2023 година.

Синер делува мошне сигурно откако се врати од паузата поради допинг, но во следниот период брани голем број поени. Конкретно, 3.200 бидејќи лани триумфираше на Мастерсот во Синсинати и на УС Опен, додека во Монтреал стигна до четвртфиналето. Сосема спротивна е ситуацијата со Алкараз кој минатата сезона не играше во Канада поради замор од Олимписките игри, а потоа доживеа рана елиминација во Синсинати и Њујорк, во второто коло на двата турнира. Така, шпанскиот тенисер сега брани само 60 бода и со добри резултати на американскиот континент би можел сериозно да го загрози, дури и да го симне Синер. Само со евентуална титула на УС Опен, тој ќе скрати најмалку 2.650 бода во однос на својот голем ривал.

Најголем проблем за Алкараз ќе биде заморот бидејќи годинава тој веќе настапи на 11 турнири, додека за Синер сезоната практично почна во мај кога му истече суспензијата. Претходно учествуваше и триумфираше на Австралија Опен, но потоа имаше доволно време да се одмори.