Крај на серијата од 19 победи: Европскиот шампион потона во Белград

Серијата од 19 победи на Фенербахче заврши вечерва во Белград откако Црвена Звезда го совлада актуелниот европски шампион со 79-73.

Турците го диктираа темпото во првото полувреме, на голем одмор заминаа со предност од девет разлика (42-33), но во второто полувреме тотално потонаа и ѝ дозволија на Звезда со целосен пресврт да стигне до голема победа. Пресвртот беше комплетиран со серијата од 10-0 меѓу третиот и последниот период, Фенербахче подоцна одговори со девет поени по ред, но следуваше нова низа на Звезда, сега со 12-0 за недостижни 75-67.

Ова беше прв пораз на Фенербахче по повеќе од два месеца (од 8 јануари), сметајќи ги сите натпреварувања во кои учествува. Последниот што успеа да го победи актуелниот турски и европски првак беше Дубаи, но сепак вечерашниот пораз нема да има големо влијание на пласманот на табелата во Евролигата бидејќи тимот од Истанбул е сигурен на челната позиција.

Чима Монеке со 21 поен беше најефикасен кај Звезда, но огромна заслуга за триумфот има Милер Мекинтаер кој беше блиску до трипл дабл, со 10 поени, 12 асистенции и осум скока. Болдвин го предводеше Фенербахче со 16 поени.