Ако Финалисима се откаже, Шпанија ќе игра со - Србија!?

На две недели пред планираниот термин за одигрување на Финалисима (дуел меѓу шампионите на Европа и Јужна Америка), се понеизвесно е дали овој спектакл воопшто ќе се одржи.

Идејата беше Шпанија и Аргентина да се сретнат во Доха, но поради добро познатата ситуација на Блискиот Исток, овој меч е пред откажување, а двете федерации не можат да се договорат да се сретнат на друго место. Некои од најпознатите стадиони во светот се зафатени бидејќи во тој период има многу пријателски дуели, а Аргентинците не сакаат да се игра во Шпанија бидејќи во таков случај противникот ќе има предност. Интересно е тоа што во преговорите не сака да се вмеша ФИФА и покрај тоа што Финалисима е под нејзино покровителство и да пресече со одлука каде да се сретнат двата гиганта.

За Шпанците сега се отвора нова можност за да го покријат тој термин и, сепак, да одиграат пријателски натпревар. На помош се јави Србија која за крајот на март има закажани дуели со Катар и Саудиска Арабија, но исто така не може да ги игра поради војната.

Двете страни имале контакт уште на ждрепката за Лигата на нации во февруари, а идната недела треба да биде дефинирано дали Финалисима ќе се игра и каде и дали, во спротивно, Шпанија ќе се сретне со Србија.