Де Лаурентис ја состави листата на отстрел во Наполи: Сите ќе ве избркам!

Иако следува двонеделна пауза поради завршницата во евроквалификациите, бурата во Неапол после хаосот што се случи помеѓу фудбалерите и стручниот штаб не запира, па италијанските медиуми денеска објавија дека првиот човек Аурелио Де Лаурентис веќе го подготвил списокот за отстрел.

Според медиумите, Де Лаурентис, кој моментно е во Лос Анџелес (САД), на листата на фудбалери кои секако ќе ги избрка од Наполи се седум ѕвезди и веќе на сите им порачал дека ќе ги избрка, а тоа се Дрес Метренс, Калиду Кулибали, Хосе Калјехон, Алан, Фаузи Гулам, Елсеид Хисај, плус Лоренцо Инсиње.

Оваа седморка Де Лаурентис по секоја цена ќе ја избрка, иако јасно е дека со тоа ќе загуби и големи пари, зашто Инсиње и Кулибали како највредни фудбалери ќе мора да ги продаде по половична цена, за разлика од Мертенс и Калјехон, кои одбиваа нови договори и на лето ќе бидат слободни.

Седумте фудбалери се посочени како главни водачи во бунтот на тимот во кој член е и македонскиот бисер Елиф Елмас против управата која реши да ги „казни“ со карантин после серијата слаби резултати, од кои наполитанците никако да излезат.