„Цела Франција го мрази ПСЖ!“

Еден од најдобрите француски фудбалери на сите времиња, Јури Џоркаеф, во интервју на шпанските медиуми се обиде да го објасни феноменот наречен ПСЖ, односно зошто овој клуб е омразен од сите во Франција освен од неговите верни навивачи.

Една од причините за тоа е фактот што овој клуб нема долга и богата историја како останатите европски гиганти, со оглед што е формиран во 1970 година, а втората е што како единствен силен тим од престолнината секогаш е пречекуван на нож кај останатиот дел од „провинцијата“.

„Една година бев во ПСЖ и го освоивме Купот на победниците на купови, што беше прва интернационална титула за клубот. Се сеќавам и кога мојот татко играше таму, тоа беа почетоците на ПСЖ, а ‘Паркот на принцовите’ се градеше тогаш. Мојот брат и јас игравме фудбал на теренот и следниот ден бевме на насловната на ‘Л’Екип’ со порака – ‘Принцовите на Паркот на принцовите’. Таа фотографија секогаш ја носам со мене. ПСЖ е млад клуб, но има одлична ДНК и е одлично место за играње фудбал. Но, кога играш за ПСЖ, се бориш против остатокот од Франција. Луѓето навистина го мразат ПСЖ. Шпанија е поделена помеѓу Реал Мадрид и Барселона. Во Франција има луѓе кои го сакаат Олимпик Марсеј, но тие кои не се навивачи на ОМ, не ги мразат, туку не им е грижа. Истото е и со Лион. Но, не е така со тимот од Париз. ПСЖ го мразат сите кои не се негови навивачи. Тоа е уникатно“, вели Џоркаеф.

Дополнителна причина за ваквата омраза е и неговиот богат газда, кој во последните години се расфрла со пари, што кулминира сезонава откако на едно место донесе многу ѕвезди, нешто што досега се нема случено во светскиот фудбал.