Барселона е пред банкрот: Денот на одлука е 5 ноември

Барселона се наоѓа во тешка финансиска состојба, а навивачите на клубот се надеваат дека ќе биде избегнато црно сценарио. Шпанските медиуми пишуваат дека до четврток (5 ноември) клубот мора да ги скрати платита за цели 190 милиони евра. 

Адвокатите на Каталонците и фудбалерите се сретнале во текот на вчерашниот ден и имале состанок на кој се разговарало за кратење на платите. Натегањето помеѓу двете страни трае веќе два месеци, но се наближува и крајниот рок, кој може да биде кобен за клубот.

„РАЦ1“ објавува дека платите мораат да бидат намали за цели 190 милиони евра со цел клубот да избегне банкрот во јануари. Тоа значи дека платите на фудбалерите треба да бидат намалени за цели 30 отсто.

Всушност затоа беше и распродажбата на фудбалерите изминатото лето, односно од клубот си заминаа Луис Суарез, Иван Ракитиќ, Нелсон Семедо и Артуро Видал. Сите имаа високи плати, па клубот реши да се ослободи од нивните договори.

Најголема плата во Барселона, очекувано, прима Лионел Меси од преку 50 милиони евра годишно. Ако тој се согласи на 30 отсто помали примања, веројатно и другите ќе го следат неговиот чекор. Вториот голем проблем на Барса во врска со Аргентинецот е фактот што ако фудбалерот реши навистина да не потпише нов договор, односно да си замине во јуни, клубот треба да му исплати голем бонус за одработување на неговиот договор.

Засега не е јасно за колкав бонус се работи, но шпекулациите се дека се работи за преку 10 милиони евра.

Коронавирусот сериозно ја погоди Барселона, која како клуб инкасираше огромни средства од распродажбата на стадионот „Камп Ноу“, но и од туризмот. Огромен број на навивачи и туристи го посетуваа стадионот, клупскиот музеј и клупската продавница, но откако се појави пандемијата, Барселона остана без сериозни приходи.

Клубот изминатава недела остана без претседателот Хозеп Мариа Бартомеу, кој си поднесе оставка, па привремениот претседател Карлес Тускетс има тешка задача да го спаси клубот од банкрот.