Астон Вила го доби највредниот натпревар во историјата на фудбалот за кам-бек во Премиерлигата (ВИДЕО)

Астон Вила го совлада Дерби Каунти со 2-1 во рамки на финалето од плејофот на „Вембли“ за пласман во Премиерлигата. 

Тимот од Бирмингем успеа да ги искористи своите шанси, а на поразот на Дерби „кумуваше“ и голманот Келе Рус на чија душа оди вториот погодок на противникот. Анвар ел Гази беше стрелец на првиот гол за Астон Вила во 44.минута, а на 2-0 зголеми Џон Мекгин.

Дерби за момент се врати во натпреварот во 80.минута преку Мартин Вагхорн, но тоа не беше доволно за тимот на Френк Лампард во походот за пласман во елитата.

Со самиот пласман во Премиерлигата, Астон Вила има загарантирани 100 милиони фунти, па затоа овој натпревар најчесто се нарекува и најскапиот дуел во фудбалот. Покрај Вила во Премиерлигата преку Чемпиошип дивизијата пласман обезбедија и Норич и Шефилд јунајтед.