Артета потврди: Ќе направиме шпалир за Ливерпул!

Во недела Арсенал му гостува на Ливерпул во меч од Премиер лигата, а Микел Артета потврди дека ќе направат шпалир за новиот шампион и покрај ривалството.

Арсенал оваа сезона му беше најблискиот конкурент за титулата на Ливерпул, но рано излезе од трката. Црвените се веќе шампиони, а топчиите се борат да го задржат второто место.

Во недела имаат меѓусебна пресметка, која ќе има поголемо значење за Арсенал отколку за Ливерпул.

„Ќе направиме шпалир за Ливерпул. Го заслужија тоа. Тие беа подобар тим, беа најконстантни“, искрено изјави Артета.

„Ова е спорт, кога некој е подобар од вас треба да му дадете аплауз, да го прифатите тоа и да се обидете да го стигнете тоа ниво“.