Силекс го слави голманот Трајковски: Им фати пенали на Тотре и Ибраими за полуфинале!

Поранешниот македонски првак и куп-освојувач Силекс е последниот патник во полуфиналето во оваа сезона во Купот на Македонија, откако кратовци денеска со 4-2 на пенали ја елиминираа фаворизираната Шкендија и им се придружија на Академија Пандев, Македонија ЃП и Струга Трим Лум меѓу најдобрите четири.

Резервниот голман на Силекс, Горан Трајковски беше херој, откако во пенал-рулетот после ремито без голови во регуларниот дел успеа да одбрани два пенали и тоа на репрезентативецот Енур Тотре во првата и на најдобриот фудбалер на тетовци Бесарт Ибраими во третата серија, па кратовци со четири погодоци и една утка стигнаа до конечен триумф од 4-2 за полуфинале.

Силекс кој се наоѓаше во сериозна криза успеа да одолее на нападите на Шкендија, иако ни тетовци нешто многу не се изнаиграа на мечот во кој ги немаше Јан Кривак, Љупчо Дориев, Арменд Алими, па на крајот пеналите решаваа, а од тие што најмногу се очекуваше да бидат сигурни промашија и го испратија Силекс во полуфиналето.

ЧЕТВРТФИНАЛЕ, КУП НА МАКЕДОНИЈА

Академија Пандев – Шкупи 2-1

Томовски 36, Илиев 69 – Дарбо 63

Беласица – Македонија ЃП 1-4

Адем 39, 79, Андерсон 57, Калид Басит 86 – Каланоски 43

Силекс – Шкендија 4-2 на пенали, 0-0

Струга Трим Лум – Ренова 1-0

Лена 53 п.