Реакција на ФФМ: Парите се тие, ама потрошени се за повеќе онлајн-проекти

Во врска со текстот „ФФМ за својот сајт во 2017 година потрошила 100.000 евра, а сега ќе прави нов!?“ Фудбалската федерација на Македонија појаснува во врска со средствата наменети за информирање на јавноста и електронските канали кои ги сервисира ФФМ.

Средствата кои се наведени во финансискиот извештај на ФФМ за 2017. година во износ од 5.778.850 денари се наменети за следните намени и проекти:

- Тековно одржување и менаџирање на основниот сајт на ФФМ, ffm.mk

- Тековно одржување и менаџирање на веб продавницата на ФФМ, fanshop.ffm.mk

- Тековно одржување и менаџирање на ТВ платформата на ФФМ, tv.ffm.mk

- Трошоци за широкопојасен интернет линк кој може да опслужи до 30.000 истовремении прегледи на натрпеварите во живо.

Најголемиот дел од средствата кои се наведени во финансискиот извештај се однесуваат на трошоци направени за продукција на натпреварите од 1 МФЛ, 2 МФЛ, Куп на Македонија и натпревари на младите репрезентативни тимови кои се пренесувани низ директен пренос на ТВ платформата, tv.ffm.mk.

Во 2017. година се продуцирани: 180 натпревари од 1 МФЛ, 118 натпревари од 2 МФЛ, 14 натпревари од Куп на Македонија, 6 натпревари од репрезентација до 19 години и 10 натпревари од младински национални селекции;

Во 2017. година се реализирани и 35 емисии „Куќа на фудбалот“ кои исто така се вклучени во средствата кои се наведени во финансискиот извештај на ФФМ за 2017. година во износ од 5.778.850 денари.

Средствата кои Вие во вашиот текст наведувате дека се потрошени нерационално се користат најмногу за потреби на фудбалската јавност и клубовите од МФЛ (ТВ преностите од МФЛ), интернет порталите и телевизиите кои добиваат можност бесплатно да ги користат видеата и снимките од пренесуваните натпревари, а се со цел поголема транспарентност на натпреварувањето во целост.ФФМ е отворена и транспарентна организација и секогаш подготвена да ја информира јавноста, особено за прашањата кои се од интерес на развој на фудбалот.