ФФМ за својот сајт во 2017 година потрошила 100.000 евра, а сега ќе прави нов!?

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) за својата интернет-страница (www.ffm.mk) за изминатата 2017 година, потрошила речиси 100 илјади евра, стои во финансискиот извештај кој Собранието на најмоќната организација едногласно го изгласа во саботата. По објавувањето за вчерашните 1,2 милиони евра кои биле потрошени само за плати и хонорари во минатата година, Спорт 1 ќе деновиве ќе пишува и за други детали околу непродуктивно трошење на пари во ФФМ, организација која во минатата година успеа да изарчи рекордни десет милиони евра.

Куќата на фудбалот потрошила една десетина од нејзиниот буџет, околу еден милион евра на режиски трошоци, меѓу кои само сајтот на ФФМ „изел“ 5.778.850 денари или 93.965 евра. Споредбено со годината претходно, ФФМ речиси за двојно го зголемил трошокот за интернет-страницата, затоа што во 2016 година биле потрошени 3.459.249 денари или 56.247 евра.

Прашање е сега за што ФФМ потрошила толкави пари за својот сајт, кој не е ниту транспарентен, ниту правовремено објавува информации, особено не околу одлуки од дисциплинска комисија, одлуки на Управен одбор... ФФМ преку својот сајт досега повремено сервира одредени информации околу закажани мечеви на репрезентациите, извештаи од настапите на македонската селекција, а не ретко прави и неверојатно комични грешки. Предвреме на ЕП ја пласираа македонската футсал-репрезентација, а лани дури успеаа да закажат и меч во иднината. Според ФФМ, Вардар – Академија Пандев требало да се игра на Нова Година во – 2050 година (?!).

И тоа што е најтрагично во целиот случај, околу ова невидено трошење на пари за еден сајт, што сумата е половина од буџетот на младинската репрезентација до 21 година, а раководството на ФФМ се сетило дека оваа верзија на сајтот е застарена, па потребна е нова. Поради тоа, сега ФФМ планира да ги следи модерните текови и да направи нов сајт.

„Во 2017 година интернет-страницата на ФФМ (ffm.mk) бележи благо опаѓање во сообраќајот за седум отсто, додека падот на сообраќајот на фан-шопот (fanshop.ffm.mk) изнесува 8,7 отсто. Од друга страна платформата за пренос на натпревари во живо (tv.ffm.mk) сè уште бележи значителен раст, кој во однос на 2016 година е 67 отсто. Во консултација со експертот во ФФМ за информатичка технологија се дојде до заклучок дека падот во посетата на веб-страните на ФФМ воглавно се должи на промената на технологиите и навиките на корисниците и беше донесен заклучок дека во 2018 година ќе треба да се имплементира нова интернет-страница, која ќе биде во тек со технолошките трендови, чии содржини ќе привлечат повеќе корисници“, стои во извештајот на администрацијата на ФФМ околу исполнувањето на стратегискиот десетгодишен план донесен во 2016 година.

Кога сме кај ИТ секторот, уште и дека ФФМ ќе набавува нова опрема за безжична технологија (ви-фи) за управната зграда и тренинг-кампот во вредност од 3.000 евра, а со по 2.000 евра ќе се озвучуваат прес-салата и салата за состаноци на Управниот одбор.