Ѓоковиќ доби закана од првиот ривал на мастерсот во Шангај: Конечно ќе те победам!

Најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ, денеска го почнува настапот на Мастерсот во Шангај, каде што во рамките на второто коло (во првото беше слободен) ќе се соочи со стариот познаник Хуберт Хуркач.

Организаторите на турнирот им излегоа во пресрет на навивачите и одредија одличен термин за овој дуел, па двајцата тенисери ќе истрчаат на теренот од 12 часот. Полскиот тенисер претставува вистинска „мина“ во ждрепката уште на самиот старт, особено ако се земе предвид дека тој требаше да биде противникот на Ѓоковиќ во неодамнешното финале во Пекинг, но поради повреда мораше да му го предаде полуфиналето на Алекс де Минор. Хуркач во меѓувреме се опорави, пристигна во Шангај исклучително самоуверен и веднаш испрати предупредување дека е подготвен да оди до крај и за првпат во кариерата да го совлада српскиот ас.

„Ќе биде тоа интересен предизвик. Една од моите цели е да одиграм добро против него и да победам. Тој веќе има неколку победи... Морам добро да сервирам, да играм од основната линија и да ритернирам. Повторно ја освои титулата во Пекинг и секогаш е убаво да се дели теренот со Новак, таков голем шампион“, изјави Хуркач во пресрет на денешниот меч.

Дваесет и деветгодишниот Хуркач, кој моментално се наоѓа на 34. место на АТП листата, а своевремено беше и меѓу првите десет, зад себе има сезона со променливи резултати остварувајќи 24 победи и дури 19 порази, што е и главната причина за неговиот пад на ранг-листата. И покрај тоа, освојувачот на осум титули и над 20 милиони долари во кариерата важи за еден од најомилените и најпозитивните ликови во тенискиот свет.

Што се однесува до меѓусебните дуели со Ѓоковиќ, статистиката е апсолутно на страната на најдобриот тенисер на сите времиња кој има максимален учинок во досегашните осум пресметки. Нивната последна битка се случи во финалето на турнирот во Женева во 2025 година, кога Ѓоковиќ преку неверојатна борба со силните сервиси на Полјакот славеше со 5-7, 7-6, 7-6, освојувајќи ја својата 101. титула во кариерата.

ФОТО: atp.com