Свитолина како брз воз во финалето – против Русинка ќе брка одмазда и чек од 3 милиони долари!
Иако Носкова одлично го отвори мечот со брејк уште во воведниот гем, ништо не навестуваше ваков епилог. Сепак, од тој момент Свитолина целосно ја презеде контролата, препуштајќи ѝ на противничката само уште два гејма до крајот на натпреварот. По тешкиот пораз, Чехинката отворено призна дека била целосно надиграна.
„Ова беше еден од оние мечеви каде што се чувствувате како да не припаѓате на теренот или како ништо да не можете да направите и ништо не функционира. Жал ми е што тоа се случи во оваа фаза од турнирот, но сезоната заврши. Беше долга година и за неколку дена повторно ќе бидам среќна“, изјави Носкова.
Со овој импресивен триумф, Свитолина стигна до своето трето финале на завршните турнири, натпреварување кое го освои во 2018 година. На 32-годишна возраст, таа стана највозрасната финалистка на овој турнир по Венус Вилијамс во 2017 година. Воедно, Украинката е само 14-тата тенисерка во историјата со три или повеќе финалиња на завршните турнири, а интересно е што од таа елитна група, само таа и Габриела Сабатини никогаш не биле на првото место на ВТА листата. Ова беше нејзина 11-та победа над топ 10 тенисерка сезонава, со што го израмни својот личен рекорд од 2017 година.
Нов рекорд по бројот на победи над елитни тенисерки ќе може да постави вечерва, кога во големото финале ќе се соочи со Русинката Мира Андреева (21 часот). Ова ќе биде идеална можност за реванш, откако Андреева славеше во нивниот дуел од групната фаза.