„Се засрамив од поразот по вакво навивање - полесно ќе ми беше да нè исвиркаат и заминат!“

Тренерот на ракометниот клуб Вардар, Иван Чупиќ, не можеше да ги сокрие силните емоции по домашниот пораз од полска Висла Плоцк (26-32), признавајќи најмногу го погодила неверојатната реакција на публиката на крајот од средбата.

Навивачите на „црвено-црните“ ги испратија ракометарите како тие да оствариле голема победа, наградувајќи ја нивната борбеност со долго пеење и овации по завршувањето на средбата. Ваквата атмосфера длабоко го трогна Чупиќ, кој на официјалната прес-конференција призна дека му е исклучително тешко што екипата не успеала да ја награди верната публика со триумф. Хрватот отворено зборуваше за разочарувањето и тежината на овој пораз, споредувајќи го со претходните неуспеси.

„Чувството по овој пораз е поразлично отколку против Мелсунген и Нант, ова е нешто друго. Сега сум лут и тажен, разочаран сум. Не се кријам, го признавам тоа. Многупати сум бил во полн 'Јане' - како играч и како тренер. Полесно ќе ми беше ако навивачите нè исвиркаа и си заминеа, наместо вака да нè бодрат по мечот. Ова е мој тим, моја екипа и не сакам да ги разочаруваме овие навивачи. Кога ќе видиме колку нè сакаат и нас и клубот, дури ги поздравија и играчите на Висла, ми дојде срам од поразот. Не ми е првпат да загубам со Вардар, но ретко кога ми било вака. Навивачите останаа да ни дадат поддршка долго по мечот и тоа ме погоди на човечко ниво“, изјави емотивниот Чупиќ на прес-конференцијата по средбата.

Време за тагување нема, бидејќи вардарци веќе в среда ги очекува нов тежок предизвик на европската сцена. „Црвено-црните“ патуваат за Полска каде ќе го одиграат реванш-натпреварот токму против екипата на Висла Плоцк, обидувајќи се да го поправат впечатокот од скопскиот дуел.