Чупиќ: Сакав да ја изненадам Висла, но ја погрешив тактиката
На прес-конференцијата хрватскиот стратег истакна дека натпреварот бил одлучен со лошиот почеток и неговата промена на тактиката.
„Лошо го отворивме натпреварот, пред се напаѓачки знаевме дека ќе ни биде тешко. Се подготвуваме и со седум на шест и со четири бека, многу внимание трошевме на ротација. И во прво и второ полувреме кога нападот беше океј, но моја грешка беше што отворивме со човек повеќе и примивме неколку лесни голови без голман. Сакав да изненадам со таа игра, да ги искористиме неколкуте напади додека не се адаптираат, ама не успеавме.
Одбраната беше компактна и агресивна, па со тоа си ја разбивме одбраната. Сакав да имаме со некои ситуации без многу контакт и дуели, да ја кренеме самодовербата. Сепак, испадна целосно различно од моите очекувања и тука ни побегна натпреварот. Иако во завршницата малку се вративме, на крајот Висла заслужено победи на оваа средба.
Ова е екипа која е единствена што плаќа 3-4 играчи да играат само одбрана и тоа се гледа во нивната игра. Немавме решение за нивната многу добра одбрана. Можеби најконкретни бевме со четири бека, ама некогаш мора да менуваш по двајца и се мачевме доста. Тие се многу агресивни, нападот се уморува многу лесно и се трошат сите во овој дел од тимот. Моравме да ја темпираме енергијата за завршницата од натпреварот. Не го најдовме вистинското решение ниту со ротацијата. Мислам дека мечот го реши периодот кога игравме седум на шест, за што преземам одговорност. Кога тие ни побегнаа на седум разлика беше готово. Не игравме на првите два меча седум на шест, па сакав денеска да ја изненадам Висла, но не успеавме“, изјави Чупиќ.
Во следното коло на 14 октомври Вардар повторно ќе се соочи со Висла, но сега на гостински терен во Полска.
„Ако не мислам дека имаме шанси со Висла во Полска, тогаш утре нема да дојдам на тренинг. Тоа е друг натпревар, а ние на секој меч одиме на победа, така ќе биде и во Полска“, додаде Чупиќ.