ФФМ на плати и хонорари годишно троши 1,2 милиони евра!

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) само на плати и хонорари од договори на дело потрошила неверојатни 1,2 милиони евра во 2017 година, покажува финансискиот извештај на најголемата спортска организација во земјава, кој во саботата едногласно и без никаква дебата беше усвоен на редовното Собрание, а за детали од истиот во следните денови Спорт1 ќе објави и други детали.

Од година во година трошоците на плати за вработени и договорите на дело, меѓу кои се и договорите на селекторите и на стручните штабови растат, па за 2017 година се потрошени вкупно 72.726.263 денари (1.182.541 евра), што е зголемување за преку десет милиони денари во однос на претходната 2016 година (62.553.882 денари или 1.017.136 евра), кога првпат оваа ставка за плати и договори ја надмина магичната сума од еден милион евра трошоци на годишно ниво.

Според финансискиот извештај само на плати се потрошени 41,222.384 денари (670.282 евра), а на договори на дело биле потрошени 31.503.879 (512.258 евра). Како за потсетување во 2016 година на плати биле потрошени 37.230.342 денари, а на договори на дело – 25.323.540 денари. За потсетување и претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски е редовно вработен и е на платниот список на федерацијата, за чија плата опозицијата во минатите години обвинуваше дека изнесува 4.000 евра. Во завршната сметка не е наведено во посебна ставка колкава е платата на првиот човек на македонскиот фудбал.

Чисто само како за споредба, ФФМ на плати и договори потрошила трипати повеќе отколку за развој на фудбалскиот спорт. Според четвртата ставка во финансискиот извештај за трошоците, на семинари и едукација на сите структури од тренери, судии, младински фудбал, грасрут и академијата вкупно биле потрошени 23.891.265 денари (388.475 евра). Инаку, мотото на ФФМ веќе со години е – фудбалот на прво место.

Според финансискиот извештај ФФМ во 2017 година потрошила рекорден буџет од 636.599.259 (10,3 милиони евра) и тоа за 192 милиони денари повеќе од претходнта година (3,1 милион евра). Овој финансиски извештај едногласно беше усвоен од делегатите на Собранието, откако претходно високите претставници на УЕФА и на ФИФА го испофалија раководството и посочувајќи дека се „богатство на македонскиот фудбал“.