Спектакл кој цел свет би сакал да го види: Роналдо и Меси во ист тим!?
Тевез сака да ги собере најголемите ѕвезди со кои играл во текот на кариерата, а посебна желба му е Меси и Роналдо да настапат заедно. Натпреварот би требало да се одржи на 19 декември оваа година, а според аргентинските медиуми, претседателот на Бока Јуниорс, Хуан Роман Рикелме, веќе дал начелна согласност за користење на стадионот.
Сепак, настапите на двете фудбалски легенди сè уште не се потврдени. Организаторите допрва треба да го договорат нивното доаѓање, а останува непознато дали замислата на Тевез ќе се оствари.
Тевез е еден од ретките фудбалери кои во текот на кариерата ја делеле соблекувалната и со Меси и со Роналдо. Со Португалецот играше во Манчестер Јунајтед, каде што пристигна во 2007 година. Заедно освоија две титули во Премиер лигата и Лигата на шампионите во 2008 година, кога Јунајтед го победи Челси во финалето.
Со Меси со години играше и за аргентинската репрезентација. Заедно настапија на Светските првенства во 2006 и 2010 година, како и на Копа Америка. Токму затоа Тевез има лична поврзаност со двајцата и се надева дека ќе успее да го организира нивниот заеднички настап.
„Ако дојде до тоа, лично ќе одам да го побарам Роналдо“, изјави Тевез претходно, зборувајќи за можноста да го доведе португалскиот напаѓач на својот проштален натпревар.