Тенисер доживеа нервен слом на терен - удираше по мрежата и фрли рекет кон публиката (ВИДЕО)
Дваесет и четиригодишникот имаше експлозивен испад каков што ретко се гледа во професионалниот спорт, а кулминацијата на неговото дивеење резултираше со предвремено предавање на натпреварот во моментите кога неговиот противник сервираше за победа (6-4, 4-6, 5-3).
Нервозата на Атман ескалираше во третиот сет по една неизнудена грешка кога го испрати својот форхенд директно во мрежата. Тој најпрво го заби рекетот во мрежата имитирајќи го познатиот потег на играчот на американски фудбал Роб Гронковски, за потоа да извади тениско топче од џебот и силно да го лансира преку малата трибина. Неговиот испад продолжи со три последователни удари со рекетот по сајлата од мрежата, но вистинскиот шок следуваше нешто подоцна во истиот сет. По уште една грешка, наместо да продолжи со уништување на опремата, Атман одлучи да го фрли рекетот директно кон трибините каде што беа сместени гледачите.
Рекетот удри во метална шипка и за среќа не повреди ниту еден од присутните фанови, иако публиката гласно реагираше на неговото недолично однесување бидејќи проектилот помина многу блиску до нив. За изненадување на многумина, судијата не го дисквалификуваше Атман за овој опасен потег, туку му изрече само опомена за неспортско однесување и казнеен поен. Тенискиот свет остана згрозен од однесувањето на Французинот, а голем број фанови преку социјалните мрежи побараа негово трајно отстранување од спортот.
„Буквално никогаш повеќе не би требало да му се дозволи да стапне на тениски терен. Треба да биде суспендиран. Ова е најлошото нешто што сум го видел. Фрлањето на рекетот на таков начин треба да донесе автоматска дисквалификација, очигледно не може да ги контролира емоциите и не покажува никаков професионализам“, гласеа дел од коментарите на корисниците на мрежата Икс.
За Атман ова е второ предавање на натпревар во рок од само две недели. Претходно, тој го предаде и мечот против Елиас Имер на Челинџер турнирот во Џингшан, при нерешен резултат од 5-5 во третиот одлучувачки сет.