Сите заработиле, само ФФМ е во минус од Суперкупот на УЕФА!?

Најголемиот спортски настан кој се одржал во Македонија, ланскиот Суперкуп на УЕФА помеѓу Реал Мадрид и Манчестер јунајтед изненадувачки не ѝ донел никаков финансиски бенефит на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), која во финансискиот извештај кој го усвои на Собранието пријавила дека од овој спектакл е во минус 7.503 евра (461.456 денари).

Според финансискиот извештај, ФФМ за Суперкупот на УЕФА, кој беше спектакуларен, а пофалби за организацијата дојдоа и од Нион и од Мадрид и од Манчестер потрошила 20.427.268 евра (332.150 евра), а притоа остварила приходи по две основи. Од влезници за спектаклот заработила 9.525.781 денари (154.890 евра), а од УЕФА имала приход од 10.440.031 денари (169.756 евра). Во извештајот не пишува на што се потрошени парите. 

Суперкупот на УЕФА очигледно не го донесе финансискиот бенефит за најголемата спортска организација, која го очекуваше за себе, иако ФФМ во истражувањето посочи дека Македонија од дводневниот огромен настан, кој го гледаше целиот свет ќе инкасира помеѓу 20 и 30 милиони евра.

Спектаклот на Националната Арена „Филип Втори“ беше еден од настаните кои ја одбележаа 2017 година од многу аспекти, прво од организациски, но ја покажаа и другата страна на Македонија за алчноста на хотелиерите кои продаваа соби по вртоглави цени и го навлекоа гневот и на гостите, но и на домашната јавност.

Реал Мадрид во Скопје запиша историја, како прв клуб во последните три децении кој успеал да го одбрани овој трофеј.