Беласица го ослабе ривалот од Штип – ангажира тројца досегашни фудбалери од Брегалница

Струмичка Беласица, која е есенски првак во источната група во Втората лига е на добар пат да се врати во прволигашката конкуренција, откако успеа на директниот ривал за место во елитата да и земе – тројца фудбалери.

Беласица денеска објави дека зимски засилувања се пет фудбалери, од кои тројца доаѓаат од штипска Брегалница, која заедно со велешки Борец се на пет бода заостанување по есенскиот дел во Втората лига во однос на струмичкиот клуб.

Прво и најголемо засилување е Горан Здравков, еден од најдобрите фудбалери на штипјани, кој имаше добри настапи и во Првата лига. Покрај него, од Брегалница доаѓаат и стоперите Александар Василев и Томе Јанев, кои практично се враќаат во Беласица.

Струмичани се засилија и со голманот на Пелистер, Томе Пашовски, како и со младата прилепска надеж Мартин Мирчески, кој игра на позиција крило.

Од Беласица најавуваат дека со ова не е затворен преодниот рок, затоа што се преговара со уште неколку фудбалери, кои би требало уште повеќе да го засилат овој клуб, кој есеноска само еднаш загуби, а имаше неверојатна серија на победи од страртот на сезоната, потвдувајќи дека е прв фаворит за враќање во елитата.

Ако Беласица успее да влезе во Првата лига, Струмица ќе биде само третиот град во Македонија кој во прволигашката конкуренција ќе има повеќе од еден клуб, по Скопје и Тетово.