Хаос во Вардар: Извршители побаруваат 3,6 милиони евра од најтрофејниот клуб!

Нема крај на проблемите во најтрофејниот македонски клуб Вардар, кој повеќе од две години се наоѓа во финансиски хаос поради кој летово се распадна буквално целиот шампионски тим. Скопската гордост дотурка на работ на бездната, а најново е дека во моментов се наоѓа под блокада од извршители, кои од клубот побаруваат вкупно 3,65 милиони евра.

ФК Вардар во моментов има блокада на својата сметка во една од нашите најголеми банки од неверојатни 223 милиони денари или 3,65 милиони евра, дознава „Спорт 1“ од извор кој имал увид во банкарската состојба на сметката, а блокадите се од извршни решенија и тужби, како и од долгови за неплатен данок кон Управата за јавни приходи. Во целиот хаос во кој црвено-црните тонат и засега не се гледа излез, без оглед на постојаните најави дека ситуацијата ќе се среди, клубот должи буквално на сите страни (кон поранешни играчи, тренери, тренери во младинската школа, луѓе што биле вработени во клубот, фирми што соработувале). Последно извршно решение што е стигнато е тоа на поранешниот спортски директор на клубот Дарко Панчев, во висина од три милиони денари (50 илјади евра), што е само едно мало делче во алармантно големиот долг.

Вкупниот долг на ФК Вардар

Според нашиот извор, кон клубот има блокада од 80 милиони денари само од еден предмет (1,4 милиони евра), потоа постојат низа блокади во износ од 1,3 милиони денари (20 и кусур илјади евра), па сѐ до 6,3 милиони денари (повеќе од 100.000 евра). Има и три блокади во суми од над половина милион евра поединечно (30 милиони, 32 милиони и 42 милиони денари), додека двете најмали суми кои ги има на листата се од долгови од стотина илјади денари.

Оваа состојба на сметката на Вардар станува алармантна, зашто во моментов никој не знае дали сите овие блокади на црвено-црните се буквално сите долгови на клубот или пак допрва ќе се појавуваат уште извршни решенија и судски предмети кои дополнително ќе ја зголемат сумата. Во изминатите неколку месеци долгот на Вардар константно се зголемуваше од почетните 2,1 милион евра кога се бркаше Евролиценцата, до сегашните 3,6 милиони евра според блокадите во банка.

Од кого сè се овие блокади на Вардар засега е нејасно. На стартот на подготовките за новата сезона кога едвај се скрпи тим за Вардар да игра и да не се случи најцрното сценарио, извршниот директор Самоил Симев не сакаше да открие колку е вкупниот долг на клубот, но тогаш најави дека газдата во заминување Сергеј Самсоненко ќе исплати сè заклучно до 31 мај оваа година и дека градот Скопје може да се подготвува за преземање на раководењето на клубот, но дека долгот не бил колку што шпекулира чаршијата (над три милиони). Симев на почетокот на август објави и дека 90 отсто од долговите се исклучиво долгови кон фудбалерите.

Вардар уште во јули 2018 година има(ше) блокирана сметка и тоа поради долг од стотина илјади евра за користење на Националната Арена, а сето ова се случи во момент кога првпат Самсоненко најави дека го остава клубот и го враќа на Град Скопје, а во тој период се појави и бугарската ѕвезда Благој Георгиев како претставник на украински моќници кои се заинтересирани да го купат Вардар. Но, тој обид пропадна, како што евидентно пропадна и вториот обид за „спас“ летово, ама сега Георгиев како претставник на источноевропски конзорциум за кој бугарски медиуми тврдеа дека стојат чеченски богаташи.

Македонската гордост и 12-кратен првак во моментов ги преживува најтешките моменти после цела една деценија кога исто така се бореше да не пропадне до крај (тогаш град Скопје го спаси клубот со фузијата со Миравци), а повеќе од две години клубот покажуваше симптоми дека се сериозно оди по раб на бездната и дека во секој момент може да се случи тотален колапс.

Но, ниту лошото финансиско работење, ревизорскиот извештај од 2017 година дека долгорочно клубот не може да опстане, дека има долг од 2,5 милиони евра, како и последниот финансиски извештај од лани во кој минусното салдо за целата 2018 година надмина 2,2 милиони евра не беа доволен аларм кај институциите за да интервенираат, па клубот летово доживеа комплетна пропаст со распадот на тимот и со фактот дека загубија сериозна сума на пари од заминувањето на дел од ѕвездите. Особено големите таленти и надежи кои направија и доста солидни трансфери - од Али Адем во Арис, Џемал Ибиши во Локомотива Загреб, Леонид Игњатов и Азер Омерагиќ во Хајдук Сплит, како и на репрезентативците Кристијан Тошевски, Даниел Аврамовски, борбениот и пожртвуваниот Филип Најдовски и пред сè Бразилецот Жиниор кој замина во третиот најдобар клуб во Украина, Зарја.

Вардар две години по ред не излезе во Европа, со тоа загуби сигурни над еден милион евра што им следуваа за настапите во Лига Европа и посебно во годинешната Лига на шампиони (сумата можеше да биде и повисока во зависност од резултатите), а обидите за „спас“ беа неуспешни, зашто сумата на долгови постојано растеше. Се тргна летово во атак да се најдат 2,1 милион евра за да се добие лиценцата и европскиот настап да врати половина од парите, но потоа таа сума стана 2,4, па 2,8 милиони и заврши до „официјални“ 3,1 милион евра, но очигледно и таа сума сега се надминува според блокадите на сметката на клубот.

Покрај обидот на Георгиев да влезе во Вардар, се појави и интерес од Германија преку Саша Ќириќ за спас на клубот со компанија која ја предводи Феликс Магат, но сето тоа остана само пуста желба, па Вардар се доведе на ниво од секаде да собира играчи за да не се случи тотален крах.

Астрономската блокада на сметката на Вардар очигледно ќе биде огромна пречка за било каков спас на клубот, ако Самсоненко не ги подмири сите долгувања што се направени во неговата ера, а навивачите очекуваат дека ќе го исполни ветувањето, особено што во изминатиов период, рускиот бизнисмен преку својата обложувачница „Бет Сити“ стана генерален спонзор на Ростов, клубот од неговиот роден град каде игра македонскиот суперталент Давид Тошевски, како и на Купот на Русија. Од претходно Самсоненко со својата обложувачница беше спонзор и на ЦСКА Москва, како и на францускиот гигант Монако.