Вардар пријавил загуба од 2,2 милиони евра, управата си „свиркала“ и си трошела!

Двата најдобри македонски фудбалски клубови Вардар и Шкендија, кои ги освоија последните пет шампионски круни во Првата лига, имаат сериозни загуби во минатата финансиска година, но и сериозно намалување на приходите за само 12 месеци во однос на годината претходно.

Делува помалку чудно кога зад двата најуспешни клубови во последно време стојат моќни луѓе (Сергеј Самсоненко и Лазим Дестани), а финансиите покажуваат дека клубовите се влезени во була и тоа во година во која би требало да бидат баш спротивното – финансиски премоќни барем во Македонија.

Вардар после историската 2017 година и заработените преку шест милиони евра потона длабоко, заврши со 35 бода зад Шкендија во трката за титула, а остана да игра со младински тим. Шкендија, пак, после освоената круна и третиот по ред плеојф во Лига Европа, поминатите две кола во квалификациите за ЛШ, требаше да има подобар финансиски биланс, но...

ВАРДАР ЗАГУБИЛ 2,2 МИЛИОНИ ЕВРА САМО ЕДНА ГОДИНА ПО ПРОФИТОТ ОД 750.000 ЕВРА ПРЕКЛАНИ

Вардар во 2018 година пријавил неверојатна загуба од 2,2 милиони евра (136.184.000 денари) во најлошата година после мизерната 2010/11 кога најтрофејниот клуб испадна од Првата лига, па беше спасуван со фузија со Миравци. Вардарци лани се соочија со тешки финансиски проблеми, со блокирана сметка, со распад на комплетниот тим кој напиша историја со играњето во Лига Европа и годинава сето тоа кулминираше со недобивањето на лиценца за настап во Европа.

Според финансискиот извештај, Вардар во минатата година имал приходи од „само“ 102.269.000 денари (1,6 милиони евра), но потрошил повеќе од двојно - 238.453.000 денари (3,8 милиони евра) и направил дупка од 2,2 милиони евра. Само една година претходно, Вардар пријави добивка од 750.000 евра за финансиската и историски најуспешната 2017 година, кога имаше преку 300.000.000 денари приходи, што по само една година сега таа ставка е намалена за дури трипати.

Ако се погледне добро, Вардар најголем дел од трошокот го имал за плати и надоместоци за вработените, пред сѐ за фудбалерите - 151.348.000 денари (2,4 милиони евра). Но, тоа што е уште полошо, Вардар со тие пари во 2018 година не ги расчисти севкупните свои долгови, зашто на крајот на јануари исплаќаше поголема сума (неофицијално околу еден милион евра) за да избегне суспензија од УЕФА, што сето тоа на крај испадна залудно, зашто ФФМ не му додели лиценца за Европа.

Вардар во 2017 година имаше 224 милиони денари приходи од УЕФА, што е очекувано со оглед на историската година и настапот во Лига Европа, а една година подоцна тој приход е паднат за повеќе од четири пати на само 54 милиони денари, што е доканз дека за добар фудбалски живот потребна е пред сè, добра меѓународна авантура во европските купови.

ШКЕНДИЈА ПОМАЛКУ ЗАГУБИЛА, АМА И ТОА Е – СКОРО БУЏЕТ ЗА ПРОСЕЧЕН ПРВОЛИГАШ

За разлика од Вардар, најголемиот ривал на скопјани Шкендија нема таква сериозна загуба во милионски суми, но и тетовци не ја завршиле 2018 година профитабилно. Пријавена е загуба од 21.995.000 денари (357.000 евра), што за македонски услови е речиси еден цел просечен буџет за македонски прволигаш.

Шкендија во ланската година стана првак со рекордни 35 бода повеќе од Вардар, имаше одлично лето и два промашени пенали во клучниот меч со Розенборг ги спречија да го повторат успехот на лутите ривали и да обезбедат групна фаза во Лига Европа. Но, сето тоа е недоволно за профит.

Тетовци во ланската сезона имале приходи од 136.534.000 денари (2,2 милиони евра), но потрошиле 158.529.000 денари (2,5 милиони денари), а како и во случајот со Вардар, најголемата ставка на трошоци се надоместоци за вработените, т.е. за фудбалерите - 107.389.000 денари (1,74 милиони евра). Во 2017 година, тетовци пријавија профит од 26 милиони денари (повеќе од 400.000 евра).

Тоа што се разликува помеѓу Шкендија и Вардар е фактот дека финансиска криза каква што преживеаа скопјани, нема под Шара, а токму поради тоа, тие цела мината сезона не играа на својот стадион, туку во Маџари, а едвај крпеа крај со крај.

СЕРИОЗНО НАМАЛЕНИ СПОНЗОРСТВАТА НА ЦРВЕНО-ЦРНИТЕ

Колку и да делуваат загубите застрашувачки според финансискиот извештај достапен на македонска берза за двата клуба, многу поалармантна е ставката околу приходите за спонзорство и реклама, кои сериозно се намалуваат од година во година, а особено е чудно кога зад двата куба стојат моќни бизнисмени.

Вардар од вкупните 102 милиони денари, од спонзорство и реклами добил нешто повеќе од една третина – 36 милиони денари (600.000 евра). И ова не би било ништо спорно, ако не се погледне дека во 2017 година приходите во оваа ставка биле два ипол пати повеќе од 90 милиони денари (1,5 милиони евра), а во 2016 година тие приходи биле неверојатни 178.933.000 денари (2,9 милиони евра).

Ништо подобра не е ниту Шкендија, чии спонзорски приходи и реклами во 2017 година биле цели 105 милиони денари (1,7 милиони евра), а за само 12 месеци се намалиле на 22.713.000 денари (369.000 евра).

НЕМА ГЛЕДАЧИ - НЕМА ПАРИ, А КОМЕРЦИЈАЛНИ АКТИВНОСТИ - „НУЛА“

Ако во нормална Европа, фудбалските клубови заработиваат по три најголеми ставки – ТВ-права, маркетинг и комерцијални активности и спонзорски договори, во Македонија мисловна именка е приход од комерцијални активности. Тој маркетинг и комерцијалните активности во просек пополнуваат 30 отсто од буџетите на клубовите, но во финансиите на Шкендија и Вардар приходот е буквално - „нула“.

И тоа не треба да чуди, зашто се помалку има и публика и луѓе кои се „луди“ да дојдат на стадион. Затоа и не треба да чуди што за една година сериозен пад има во приходите од влезници. Кај Вардар тој приход бил едвај 1,12 милиони денари, а во 2017 година бил дури 17,3 милиони денари (скоро 300.000 евра), додека Шкендија повеќе се офајдила од Вардар со приходи од 90.000 евра (5,4 милиони денари), но и тоа е сериозно намалување, поради 14,2 милиони денари заработени од билети една година претходно.

Што се случува со гледачите, треба сериозно да се проанализира, зашто од година во година, посетата и кај Вардар и кај Шкендија е ептен сериозно падната, а кај тетовци тоа се виде и во европските мечеви, но и во домашното првенство.