Ревизорот заклучил: Вардар со вакво финансиско работење не може да издржи долго!
Пред неполн месец Спорт 1 го објави финансискиот извештај за минатата година, во која Вардар го направи најголемиот успех на македонскиот клубпски фудбал со пласманот во групната фаза во Лига Европа и сето тоа чинеше 5,5 милиони евра, но финансиски годината црвено-црните ја завршиле со профит од речиси 800.000 евра, најмногу и поради заработката од 3,6 милиони евра за настапот во големото друштво.
И покрај сè, независниот ревизор повикувајќи се на белешката 2.3 од тој финансиски извештај во својата ревизија констатирал дека „негативните парични текови од оперативни активности изнесуваат 141.662.000 денари (2,3 милиони евра), што произлегува од дадени заеми на поврзани субјекти во износ од 153,539.000 денари (2,49 милиони евра) и овие услови заедно со други прашања укажуваат на постоење на материјална неизвесност, која може да наметне значајно сомневање на способноста на друштвото да продолжи врз основа на претпоставката за континуитет“.
Во белешката 2.3 (претпоставка на континуитетот) на која се повикува независниот ревизор е посочено дека финансискиот извештај подразбира дека ентинетот (клубот) ќе биде способен да ги реализира своите средства и да ги подмири обврските во нормалниот тек на деловното работење. Но показателите за финансиската состојба и резултатот на работењето покажале „дека како и во претходниот извештај заклучно со 31 декември 2016, како и во овој заклучно со 31 декември 2017, укажуваат на потешкотии во деловното работење, кои би можеле да предизвикаат сомнеж за способноста на Вардар да продолжи со своето деловно работење во неограничена иднина“. Посочено е дека Вардар повремено се соочува со неможност за навремено да ги подмири своите тековни обврски кон доверителите.
Поради ова, констатирано е дека без значајна финансиска поддршка од основачот, во случајот РК Вардар како газда на ФК Вардар за продолжување на континуираната финансиска поддршка, црвено-црните нема да бидат во состојба да обезбедат континуитет во деловните активности во иднина. Затоа, сопственикот (Сергеј Самсоненко) со свое писмо за поддршка изразил своја намера да ја продолжи поддршката на друштвото во не пократок рок од 12 месеци.
Газдата на ФК Вардар, Самсоненко пред повеќе од два месеци јавно објави дека не се откажува од Вардар, но призна дека во последните две години, клубот, но и ракометните клубови должат пари, потенцирајќи дека никој на крајот нема да остане неисплатен.
Инаку заклучно со 31 декември 2017 година, Вардар имал тековни обврски (долгови) е 179,8 милиони денари или речиси три милиони евра.