Симев: Самсоненко ќе исплати сè до декември, градот уште сега може да назначи нова управа!

Најтрофејниот македонски клуб Вардар повторно се врати на старото сценарио за преживување од пред една деценија, па распадот на шампионскиот тим од минатата сезона беше неминовен, откако доскорешниот газда Сергеј Самсоненко на 15 мај го остави клубот и барем досега не успеа ни еден обид за „спас“ од потеницјалните инвеститори.

Извршниот директор на клубот Самоил Симев објави дека Самсоненко веќе не е дел од Вардар и дека до 31 мај годинава сите долгови ќе ги изплати до декември, а функционирањето на клубот до крајот на годинава е обезбеден со ваучери и финансиска помош од неколку страни за да се избегне црното сценарио. Од декеmври, Симев вели – Вардар се враќа кај градот.

„Остануваме во клубот за да не се случи најлошото сценарио додека не го преземе клубот градот Скопје. Ние и на 15 мај објавивме преку соопштението на Сергеј Самсоненко, дека тој ги презема сите долгови што се направени и сега јавноста треба да знае дека Самсоненко ги презема долговите до 31 мај оваа година. Се друго до декември ќе се обидеме ние да го реализираме и без проблеми да ја истуркаме сезоната со буџетот кој го имаме од ваучерот, помош во финансии од низа заинтересирани страни... Останавме за да не се случи најлошото сценарио и ќе направиме се за да биде нормално функционирањето. Самсоненко до декември ќе исплати се, а градот уште сега може да назначи нов директор, нова управа. Ние и деновиве повторно треба да разговараме со градоначалникот (Петре Шилегов – н.з.)“, вели Симев.

Вардаровиот директор посочува дека од декември сликата ќе биде поинаква зашто Вардар ќе се врати во рацете на градот, а тој е спремен уште утре да си замине, ако градската власт назначи нов директор.

„Од декември сликата ќе биде поинаква за клубот, без долгувања, како што кажав самсоненко ќе исплати сè. Градот во декември ќе мора да го преземе Вардар, а треба и сега да го преземе. Долговите Самсоненко ќе ги исплати. Јас сум спремен, ако градот назначи директор, уште утре да си заминам. Ние останавме во клубот зашто нè интересира иднината на клубот, јас Мирко Спасевски, стручниот штаб... Сите тие го сакаат клубот. Во ниеден момент нема да дозволиме нешто да му се случи лошо на клубот. Градот е тој што треба да реши, дали тој ќе го менаџира или ќе го даде на други инвеститори, а сите што беа заинтересирани не се откажани од обидот за влезат во Вардар“, додава тој.

Пред две години, Самсоненко првпат најави дека се повлекува од фудбалскиот клуб после елиминацијата на Вардар од Пјуник, но тогаш обидот за спас пропадна, иако и тогаш Благој Георгиев како претставник на украински инвестотори се појави на преговори и се распрашуваше. Георгиев и сега е актуелен, зад кој стои источноевропски конзорциум (од Бугарија најавуваат чеченски богаташи).

„Пред две години, во август 2018 бевме кај градоначалникот Шилегов да го известиме дека не сме во можност да продолжиме да финансираме, а тогаш исто така имаше заинтересирани страни, но како никој да не ја сфати сериозно нашата најава во тој период.После тоа имавме и пресконференција на која кажавме дека ќе се потрудиме колку што можеме да го одржиме Вардар на едно стабилно ниво. Самсоненко навремено ја информиравме јавноста дека ќе се соочуваме со потешкотии во финансирањето. Имаше период кога клубот беше без долгови, кога разговаравме со заинтересирани страни, но тие поволности во тој момент не се искористија и нормално е потоа да се зголемуваа самите долгови. Ако се преземеше многу порано, ако се обезбедеше лиценцата, ќе се скратеше за половина од долгот. Не сакам никого да обвинувам, но сите зборуваме за општествена одговорност на Вардар, а каде е одговорноста кон Вардар. Требаше многу порано на нашите апели да се појави некоја реакција и заедники да направиме за клубот“, додава Симев.

Тој посочи дека околу Вардар кружат многу невистини околу долговите, а тие иако не ја соопшти јавно цифрата, вели дека 90 отсто се на плати кон играчи и стручниот штаб.

„Кружат доста невистини низ кулоарите за висината на долговите и која е основата. Тврдам дека 90 отсто се плати за фудбалери и стручниот штаб. Се друго е невистина. Дали Сергеј ќе ги исплати до декември? Зад тоа цврсто стојам јас, а и Самсоненко. Реалноста е таа и треба да почекаме, за јавноста да се увери дека ќе се ќе биде исплатено“, заврши Симев.