Италијанската мафија го наместила единствениот триумф на Марадона во европските купови

Славеше италијанскиот тим, а во натпреварувањето кое повеќе не постои, тогаш се играше на два натпревара, по еден кај двата финалисти.

Првиот меч под Везув заврши 2-1 за Наполи, а во реваншот во Германија беше 3-3 со што тимот од Неапол ја освои титулата.

Поранешни менаџери и играчи на „швабите“, сепак, тврдат дека првиот натпревар бил „наместен“ од мафијата со грчкиот судија Герасимос Германакос.

„Судијата беше поткупен. Како награда за извршената работа, доби куќа“, вели Маргит Мајер-Форфелдер, вдовица на поранешниот претседател на Штутгарт и Германскиот фудбалски сојуз, Герхард Мајер-Форфелдер, во документарниот филм насловен „Подемот и падот на Штутгарт“.

Карл Алгевер, поранешен играч во златниот тим на Штутгарт, германски шампион од 1984 година со Гвидо Бухвалд, Ајке Имел и Маурицио Гаудино, е убеден дека мафијата била вмешана.

„Во Неапол има една или две мафијашки организации. Тие сигурно се погрижија судијата да суди во нивна корист. Немам добри спомени од тој судија. Тие 90 минути во Неапол беа многу разочарувачки за нас“ тврди тој.

Грчкиот судија тогаш досуди пенал за Наполи за играње со рака во шеснаесетникот, иако самиот Диего Армандо Марадона претходно играше со рака. Марадона го реализираше пеналот во 67. минута, израмнувајќи го резултатот откако претходно Штутгарт поведе преку Маурицио Гаудино во 17. минута. Во 88. минута, Бразилецот Карека го постави конечниот резултат, 2-1 за Италијанците. Подеднакво контроверзен, според германскиот таблоид „Билд“, е и жолтиот картон што Германакос му го покажал на Бухвалд. Поради тоа, лидерот во одбраната на „швабите“ го пропушти реваншот од финалето, кој заврши 3-3.

„Тоа беше голема неправда. Стоев на два или три метри од Карека и тој падна. Беше многу јасно дека судијата знаеше: „Бухвалд е на списокот и мора да добие жолт картон за да не може да игра во реваншот!““, се потсетува германската фудбалска легенда.

За Диего Марадона тоа е единствен успех во европските купови во неговата кариера. Иако играше и за Барселона и Севиља, Аргентинецот никогаш не освои друг трофеј во натпреварувањата на УЕФА.