„Во македонската кошарка сите лажат, а условите во неа се – аматерски!“

Еден од највисоките кошаркари што некогаш настапувале во македонската елита, Немања Бешовиќ (221 сантиметар), се потсети на своето неславно искуство во Струмица каде што настапуваше во 2016 година.

Тој во популарниот балкански поткаст „Јао Миле“, отворено зборуваше за проблемите со кои се соочил за време на престојот во Македонија. Србинот откри дека пристигнувањето во клубот било само почеток на неговата голгота. По операција на грбот, пропуштил една сезона, а кога се обидел да се врати на терените, Македонија му била единствена опција.

„Ги прашав како да дојдам, па ми рекоа дојди во автобус. Кај јас толку голем во автобус, па ги одбив. Потоа ми кажаа да дојдам со авион, сам ми си ја платам карта, а тие ќе ми ги вратат парите подоцна. Секако, тоа беше стара финта. За тие неколку месеци таму, не сум слушнал повеќе лаги во животот“, изјави тој.

Поранешниот центар на Партизан откри и детали за катастрофалните услови во кои живеел и тренирал.

„Ни велеа да пиеме вода, а чешмата беше заледена. Плата не добивавме. Кога си отидов дома за Нова година, решив да не се враќам“, раскажа Бешовиќ.

Тој додаде дека живеел во мал стан со соиграч, со само еден кауч и тросед, па морал сам да си купи душек за да има каде да спие. Некогаш еден од најперспективните српски кошаркари престојот во Македонија го опиша како „страшно искуство“. Сепак, призна дека дружењето со соиграчите било единствената светла точка во тие неколку месеци.

„Македонија беше тешко искуство, но дружбата беше феноменална“, заклучи Бешовиќ, кој летово стави крај на професионалната кариера.