Рафиња веќе одлучил да замине од Барса – еден разговор променил сè!
Бразилецот доби улога на најистурен напаѓач, а новата позиција очигледно одлично му одговара. На осум натпревари постигна дури 14 гола и додаде уште три асистенции.
Најголеми заслуги за тоа дефинитивно има Ханси Флик, под чие водство Бразилецот целосно се препороди во последните две години. Под палката на Чави кој во 2022 година инсистираше на неговото доаѓање од Лидс, Рафиња одигра 87 натпревари во сите натпреварувања, постигна 20 гола и запиша 23 асистенции. Тоа значи дека неговиот вкупен учинок во категоријата голови и асистенции изнесуваше 43.
Чави си замина во летото 2024 година, по разочарувачката сезона во која Барселона остана без трофеј. На негово место пристигна Ханси Флик.
Рафиња во неколку наврати откри дека бил многу блиску до заминување од клубот, бидејќи не чувствувал дека е посакуван на „Камп Ноу“. Сепак, еден разговор со Ханси Флик целосно ја променил ситуацијата.
„Вистина е дека веќе одлучив да заминам, бидејќи не чувствував дека припаѓам таму. Но, Ханси Флик со еден разговор ме убеди дека треба да останам. Откако ја добив неговата доверба, повторно сфатив дека припаѓам тука. Сè што се случи потоа е резултат на взаемната доверба и фактот дека тренерот може да промени сè“, изјави Рафиња.
Под водство на германскиот стратег, Рафиња досега одигра 98 натпревари, со импресивен учинок од 69 голови и 32 асистенции, што во вкупен збир изнесува 101 директно учество во голови. Покрај тоа стана и капитен на тимот со кој освои две титули во Ла Лига, два Суперкупа на Шпанија и еден Копа дел Реј.