Напаѓач на Монако наместо за Германија може да игра за Конго

Германскиот фудбалски сојуз би можел да загуби уште еден голем талент. Откако Кенан Јилдиз и Џан Узун се одлучија за Турција, Пол Ванер за Австрија, а Ибрахим Маза за Алжир, по нивниот пат би можел да тргне и Парис Брунер, пишува „Билд“ во текстот со наслов: „Германското чудо од дете размислува за промена на репрезентацијата“.

Дваесетгодишниот поранешен фудбалер на Борусија Дортмунд, кој сега настапува за Монако, размислува во иднина да го носи дресот на репрезентацијата на ДР Конго. Според „Кикер“, фудбалскиот сојуз на оваа африканска земја, од каде што потекнува неговата мајка, веќе неколку месеци се обидува да го убеди да настапува за нивната репрезентација.

Брунер наводно е отворен за оваа можност. Новиот германски селектор Јирген Клоп не го вклучи Брунер на својот прв список за А-репрезентацијата. Наместо тоа, младиот напаѓач ќе дебитира за селекцијата до 21 година во текот на претстојната репрезентативна пауза.

Клоп во четвртокот, при објавувањето на списокот, накратко ја коментираше ситуацијата.

„Не разговарав со него, но го познавам Парис. Ханес Волф, кој е дел од нашиот стручен штаб, е негов голем поддржувач“, изјави Клоп, кој со насмевка додаде:

„Досега беше одличен... барем што се однесува до фудбалот.“

Брунер неодамна го привлече вниманието и со своето однесување на теренот. Откако постигна гол за Монако за 1-1 на гостувањето кај Стразбур, предизвика негативни реакции со контроверзната прослава.

Според информациите, кон домашните навивачи гестикулирал со движење кое асоцира на „пресекување на грлото“.