Нов епски резил на Башкими - играчите глумеа статисти за да примаат голови! (ВИДЕО)

Фудбалерите на Арсими денеска дојдоа и до четвртата победа во дебитантската прволигашка сезона, откако на домашен терен ги совлада довчерашните второлигашки „колеги“ од Башкими (4-2), во уште еден во низа меч со многу голови.

На прв поглед ништо не е драматично околу оваа средба, но само додека не се погледнат головите, барем поголемиот дел од нив. Дури и спортски лаик ќе „падне од смеење“ од начинот на кој гостите одиграа во одбраната во моментите кога домашниот тим се обидуваше да им ја затресе мрежата. Дури три од четирите гола на Арсими се за рубрката „верувале или не“ поради незаинтересираноста на дефанзивните на Башкими, кои на моменти делуваа како статисти во лошо режиран филм отколку на фудбалери кои се борат за бодови, но и за својата чест. Посебна приказна е и голманот на кумановци, кој како да пливаше на суво при првиот погодок на противникот, а делуваше дека не се обидува да стане откако топката удри во пречката, по што Шефит Шефити лесно ја смести во мрежата.

Ова е вторпат екипата на Башкими да се најде во центарот на голем скандал, откако беше инволвирана во местењето на дуелот против Кожуф на крајот од минатата сезона, кога беше во битка за едно од местата кои водат во елитата. Против оваа екипа, заедно со неколку члена на управата, се уште се води постапка од страна на ФФМ поради купување на средбата со гевгеличани за сума од 10.000 евра, што беше потврдено и од МВР. Тогаш на трева паѓаа и се глумеа статисти противниците на Башкими, за овој пат во таква улога да бидат фудбалерите на овој тим.

Засега нема реакции за евентуално поведување постапка за актерите на денешната бурлеска, но нема да биде изненадување ако ФФМ наскоро стори такво нешто, знаејќи ја решителноста на предводниците на Куќата на фудбалот за искоренување на сите нечесни работи од македонскиот фудбал.