Ѓоковиќ потврди: Ќе игра на завршниот Мастерс во Торино

По пауза од една година, некогаш најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ се враќа на завршниот Мастерс од АТП турот кој в недела почнува во Торино.

Србинот одамна обезбеди пласман на него, но неизвесно беше дали ќе учествува бидејќи лани не беше дел од најдобрата „осумка“ и покрај тоа што, исто така, имаше обезбедено учество. Информацијата дека Ноле ќе игра во Торино ја потврди директорот на турнирот, Ангели Бинаги.

Ѓоковиќ е најуспешен тенисер на завршниот Мастерс со седум освоени титули, една повеќе од Роџер Федерер кој последен пат на него триумфираше во 2011 година. Последната титула на Новак, пак, е од 2023 година и тоа е последниот голем АТП трофеј што го освои во кариерата бидејќи оттогаш, триумфираше само уште на турнирот во Женева што беше негов 100. пехар во кариерата.

Завршниот Мастерс се одржува од 9 до 16 ноември, а покрај Ѓоковиќ, сигурни учесници се уште Синер, Алкараз, Зверев, Шелтон, Фриц и Де Минор. За последното место конкурираат Оже Алијасим и Музети кои деновиве ќе одлучат кој ќе патува во Италија.