Инцидент во Франција: Судијка сакаше да спречи тепачка, па таа заработи потрес на мозокот (ВИДЕО)

Фудбалска судијка заработи потрес на мозокот откако падна на теренот додека се обидуваше да спречи тепачка меѓу фудбалерите на пријателскиот натпревар на екипите на Мец и Фортуна Ситард.

Судијката Матилд Демонсе не можеше да продолжи со делење на правдата по инцидентот на стадионот „Шлосберг“ во Форбах, во источна Франција, каде двата клуба се подготвуваа за новата сезона.

Тензијата ескалираше во 40. минута, кога двајца противнички играчи влегоа во расправија, а останатите фудбалери веднаш се вклучија во пресметката. Храбрата Демонсе заврши на земја додека се обидуваше да интервенира, откако беше удрена во турканицата, што може да се види и на снимката објавена на социјалните мрежи.

Судијката остана неколку минути на тревникот, држејќи се за раката, додека помошниците, обезбедувањето и медицинските екипи истрчаа на теренот за да ја смират ситуацијата и да ја проценат нејзината состојба.