Червар: Тука е крајот на мојата кариера, Пелистер мора да добие идентитет!

Екипата на Пелистер денеска ги почна подготовките за новата сезона, а искусниот Лино Червар во изјава за медиумите ги кажа и своите очекувања.

Хрватскиот стратег уште еднаш слично како и на претставувањето претходно потенцираше дека за него претставува чест што ќе има прилика да го води битолскиот клуб.

„Чест ми е што сум тука и што ќе го водам Пелистер, тука ќе биде крајот на мојата кариера. Мило ми е што сум во мојата втора татковина, Пелистер знам што кој е и што значи, уште кога бев во Умаг играв против Пелистер и се сеќавам дека Манасков тогаш беше навистина проблем. Амбициозен сум и ќе дадам се од себе, Пелистер да е конкурентен. Ќе работиме посилно и сакаме тимот да добие препознатлив идентитет, секој ќе го даде максимумот, јас како тренер мора да сум пример“, изјави  Червар.

По првиот дел од подготовките и една недела во Битола, Пелистер заминува во Словенија каде што ќе има три контролни натпревари.

„Ќе одиграме три натпревари, еден против репрезентацијата на Катар, вториоот протиов Крка од Словенија и уште една контролка против прволигаш. Мора да сме подготвени, имаме тежок испит уште во првото коло со Охрид. Најважно е играчите да ја разберат идејата која сакам да ја имплементирам. Имаме работа, а времето до почетокот на сезоната не е долго“, смета хрватскиот стратег.

Верува дека може да донесе успех и резултати какви што се очекуваат од него.

„Секогаш мора да ја сакаш работата што ја работиш, секој тренер сака да ги има најдобрите играчи, но и кога ги немаше мора да го сакаше тимот. Јас верувам во екипата и убеден сум дека ако сите функционираме како едно семејство, можеме да направиме успех“, додаде Червар.